Насловна Нови Емигранти Почетни правци

Почетни Правци

 

На оваа страна во кратки црти е опишано како да направите некои од работите кои сите новодојдени ги прават во нивните први денови.

Пред се, треба да научите каде да ги барате информациите кои Ви се потребни. Овој сајт е добар почеток, но со време, неговата содржина нема да биде доволна, па ќе ви бидат потребни други, подетални извори на информации.

Одличен извор на информации за новодојдени се јавните библиотеки (Toronto Public Library), информативните центри (Community Information Centres), како и агенции кои помагаат на нови имигранти. Локациите на овие може да се најдат во телефонскиот именик, кој го има во секоја јавна говорница.

Менување пари

Препорачливо е новодојдените со нив да донесат одредена количина Канадски долари за почеток. Како и да е, доколку имате потреба да смените пари, истото можете да го направите на следниве места:

 

  • централната област на поголемите градови (во менувачници - exchange office)
  • филијали на банки
  • поголеми туристички агенции како American Express или Thomas Cook

 

Хотелите исто така би можеле да ви заменат помали количини на пари, меѓутоа обично нивните курсеви не се многу поволни.

Користење на (јавен) телефон

За локален разговор потребни се 55 центи. Највеќето говорници примаат монети од 5, 10 и 25 центи и 1 долар.

За разговор надвор од повикувачката зона во која што сте (416 за Торонто), но во рамките на Северна Америка, вртите 1 пред бројот, значи 1 212 ххх хххх (за Њујорк). За интернационални повици, вртите 011 + код на земјата + повикувачки код на градот + телефонски број (011 398 2 хххх ххх, за Скопје). Доколку сакате да свртите во Македонија, или било каде во светот, веројатно говорницата ќе Ве тарифира по најскапата тарифа. За 1 минута до Македонија ќе платите околу 2.6 долари.

Многу подобра алтернатива е да купите pre-paid телефонска картичка од било која трафика или дуќан - ќе видите на излозите табли на кои се напишани цените по минута кои ги добивате со картичка од секоја компанија, па така може да одредите која телефонска картичка да ја купите во зависност од земјата која сакате да ја барате. Избегнувајте ги картичките со многу ефтина тарифа по минута, а скапа тарифа за поврзување (10 долари картичка би ви дала околу 80 минути разговор, но доколку сакате да направите повеќе различни разговори, ако тарифата за поврзување е скапа, може да не се соберат ни 5 минути разговор со 10 долари). Генерално, со пристојна картичка и со 25 центи за локален разговор може да се направи доста муабет со Македонија.

Праќање и добивање пошта

Ќе забележите дека во Канада пошта се користи многу. Од сметки и промоции, до реклами, за кратко време ќе почнете да добивате МНОГУ пошта.

За праќање ви се потребни пликови и поштенски марки (има 3 типови - за праќање во Канада, околу 65 центи за 1 марка, за во Америка и за а преку океан - околу 1.2 долари за 1 марка). Писмата може да ги пуштите во било кое поштенски сандаче (црвени се и ги има скоро на секој ќош).

За добивање пошта, само седете дома и чекајте. Поштата се разнесува секојдневно. Доколку добиете пакет, а не писмо и не сте дома лично да го примите, ќе ви биде оставена порака да го подигнете пакетот од локалната пошта. Адресата на поштата е на пораката и не мора да е најблиската пошта до вашата адреса. Понесете документ за лична идентификација (со слика) и пари доколку треба да платите царина за пакетот.

Додека уште немате перманентна адреса на која може да ви стигаат писма, може да одите со еден од овие начини за добивање пошта:

 

  • Замолете некој роднина или пријател вашата пошта да стига кај нив
  • Побарајте специјална достава од поштата (интернационално име за ова е "poste restante")
  • Изнајмете поштенско сандаче во пошта или друго место што нуди вакви услуги

 

 

Коментари