Насловна Нови Емигранти Транспорт

Патување и Транспорт


Стигнување до места

Секој град во Канада има мрежа со јавен превоз. Тука спаѓаат автобуси, трамваи и метро. Торонто има и систем подземни возови - Toronto Subway (TTC). Највеќето градови нудат бесплатни мапи со транспортната мрежа, а може да се најдат во возовите, автобусите и трамваите, како и во метро станиците.

За користење на јавниот превоз се плаќа за секое патување. Може да користите кеш пари, но поевтино е доколку купите карти или жетони, или дневна, неделна или месечна карта. Често не е можно да се стигне до саканата дестинација само со еден автобус, трамвај или воз. Во ваквите случаи потребен ви е трансфер - ливче харија кое е доказ дека сте ја платиле картата и нема потреба да платите повторно. Ваков трансфер треба да земете на почеток на патувањето, кога ќе ја платите картата.

Такси

Такси возилата се јасно означени. Слободно такси возило може да се застане било каде со едноставно кревање на рака. Такси возилото е слободно ако таблата на кровот свети. Имајте на ум дека таксито во Канада е доста скапо во споредба со цените на кои може да сте навикнати (во Македонија цените на таксите се драстично помали). Просечно возење со такси од 7-8 километри чини од $15 до $20 во Торонто.

Одење пешки

Одењето е добра рекреација, но во град како Торонто, местата се обично доста далеку, а далечините знаат и да лажат. Пред да тргнете негде пешки, бидете сигурни дека може да се стигне до саканата дестинација во разумно време одејќи.

Улиците се минуваат на означените пешачки премини, а на секоја раскрсница со семафори има и семафори за пешаци.

Патување меѓу градови

За патување меѓу градови со јавен превоз, генерално има 3 можности. Може да се оди со автобус, со воз или со авион. Највеќето градови во Канада имаат автобуска или железничка станица, па луѓето кои работат таму можат да ви дадат информации како

  • каде одат автобусите или возовите
  • кога тргнуваат и кога пристигнуваат
  • колку чини возењето

Автобуската станица во Торонто работи секој ден од 5:30 наутро до 12:00 вечер. За повеќе информации може да се јавите на 416.393.7911 или да одите лично на 610 Bay Street во Торонто.

За информации околу летови најдобро е да се консултирате со туристичка агенција. Контакт информации за туристички агенции може да се најдат во телефонскиот именик во секоја говорница.

Ова се корисни сајтови ако сакате да патувате надвор од градот во кој сте. Тука може да се најдат цени и распореди на меѓуградските линии.

 

Коментари