Насловна Нови Емигранти Останато

Останато

 

Возачка дозвола

За да може законски да се вози во Онтарио, Канада, потребна е важечка Канадска возачка дозвола. Минимум возраст за добивање на возачка дозвола е 16 години. Новодојдените во Онтарио мора да аплицираат за возачка во рок од 60 дена откако ќе добијат адреса во провинцијата.

Новите шофери кои аплицираат за нивната прва дозвола мора да поминат низ „системот на постепено добивање на возачка дозвола“. Овој процес трае најмалку 20 месеци, а мора да се заврши за највеќе 5 години. Прво апликантот треба да полага само тестови (без возење) и да добие G1 дозвола. По 12 месеци возење со придружба, треба да се полага за G2 дозвола (ова е практичен тест без возење на автопат). 12те месеци може да се скратат на 8 доколку кандидатот заврши одобрен теоретски курс за возење. Со G2 дозвола може да се вози речиси без никакви ограничувања. По најмалку 12 месеци се полага за G дозвола (практичен тест, со возење и на автопат). G дозволата е трајна.

Шоферите со искуство може да ја заменат нивната стара дозвола за Канадска дозвола под услов да имаат повеќе од 2 години искуство. За ова ќе биде потребно официјално писмо од институцијата која ја издала старата дозвола (АМСМ) или писмо од амбасадата или конзулатот од земјата во која дозволата е издадена. Писмото мора да е напишано на меморандум од институцијата, да биде на Англиски или на Француски и да не биде постаро од 6 месеци од денот на аплицирање за нова возачка. Дополнително кандидатот за возачка треба да помине и на очен тест, како и на теоретски и практичен тест (со автопат).

За да се полагаат тестови, мора да се оди лично во еден од тест центрите. За да се полага практичен тест, мора да се резервира однапред. Резервација може да се направи на сајтот на Министерството за транспорт.

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите Македонскиот Центар за информации за Македонски возачки инструктори.

За повеќе информации посете ги следниве сајтови:

Такса

Ќе забележите дека кога и да одите до продавница, гледате една цена, а плаќате друга. На многумина ова не им е јасно и првиот ден се расправаат со продавачот.

Во Канада, за разлика од Македонија, таксите се пресметуваат за време на продажбата, а напишаната цена е нето цената без никакви такси. Големината на таксата се менува од провинција до провинција, а во Онтарио е 15%. Составена е од 2 такси GST (Goods and Services Tax, 7%) и PST (Provincial Sales Tax - 8%).

Некои производи како што се основните прехрамбени производи не подлежат на такси.

Некои други производи пак имаат поголема такса од 15%. Вакви производи се алкохолот, цигарите и бензинот.

Плаќање / Банки

Убаво е со себе да имате малку кеш пари кога излегувате од дома, но ќе приметите дека не е практично да носите со себе големи количини. Во Канада има неколку алтернативи за носење кеш, а најчестата е да носите со себе дебитна картичка.

За да користите дебитна картичка прво треба да отворите сметка во некоја банка. Кога ќе одите да отворите сметка, одете во филијалата на банката која е најблиску до вашето место на живеење, затоа што таа филијала ќе стане ваша локална филијала и во неа ќе одите почесто затоа што некои посложени трансакции ќе се одвиваат побрзо за вас таму. Оваа локална филијала може да се смени доколку се преселите.

На сметката во банка ќе депонирате пари и тие пари ќе може да ги користите со дебитната картичка и со пинот кој ќе Ви биде даден во банката. Исто така, кога ќе почнете да работите, веројатно платата ќе ви ја префрлаат директно на сметка, или ќе добивате чек кој ќе го депонирате самите на сметката. Од сметката можете да вадите кеш пари на шалтер во банка или од банкомат и може да плаќате директно од сметка. За секоја трансакција е потребно да го внесете вашиот пин. Не треба да се спомне, но за секој случај, пинот е личен и не го кажувајте никому.

Друга алтернатива на носење кеш пари е кредитна картичка. Може да изберете од многуте типови како VISA, MasterCard, American Express и некои други. Различни банки застапуваат различни кредитни картички, па најверојатно вашата прва кредитна картичка ќе биде од банката во која веќе имате сметка. Добивањето на првата картичка може да е малку проблематично затоа што веројатно немате кредитна историја во Канада, но штом ја добиете првата, добивање на уште една нема да е никаков проблем.

Кога трошите пари од кредитна картичка, трошите пари на банката, па на крајот на месецот ќе Ви стигне извештај за тоа колку вкупно должите и колку Ви е минималната рата. Каматата на ваквите кредитни картички обично е околу 18% и се пресметува годишно на парите кои ги должите во моментот. За почеток пристоен кредит е околу $1000.00.

Многу ланци на продавници нудат и нивни кредитни картички кои може да ги користите само во нивните продавници. На овие кредитни картички каматите се малку повисоки и се движат од 20% до 25% годишно.

Исто како со дебитна картичка и со кредитна може да се плати сегде. Само внимавајте! Лесно може да се занесете со парите на банката, па кога ќе дојде први во месецот да имате големи сметки за плаќање.

Ова се линкови до некои поголеми банки во Канада:

Интернет

Интернет е едно од нештата кои ќе ги користите за се, од губење време кога Ви е досадно до купување храна и облека, плаќање сметки и барање работа. Интернетот е одличен извор на информации, па што побрзо се навикнете да го користите, полесно ќе се снаоѓате во се што ќе правите.

Бесплатен интернет може да користите во секоја јавна библиотека. Доколку сакате порелаксирана средина, може да одите до некое од многуте интернет кафиња и да користите интернет таму за цена од околу $4.00/час.

Доколку имате лаптоп со безжична мрежна карта, може да одите до локалниот Tim Horton's или Starbucks и да користите бесплатен интернет додека пиете кафе. Многу вакви ресторани имаат безжичен интернет, но не сите. Прашајте дали тој најблиску до вас има!

Штом се сместивте како што треба, треба да го порачате интернет пакетот кој најмногу ќе ви одговара. Прво треба да одлучите дали сакате dial-up или брз интернет. Јас лично препорачувам брз интернет. Бидејќи разликата во цените меѓу двата сервиси е многу мала, овде е крајот на моето пишување за dial-up. Како и да е, доколку инсистирате на dial-up, посетете ја страната на AOL.

Брзиот интернет генерално е поделен на две категории - DSL и кабловски интернет. Bell Canada (Sympatico) е провајдерот за DSL, а Rogers и Cogeco за кабловски. Има и други провајдери, но овие се трите најголеми во Онтарио. Разликата меѓу DSL и кабловски интернет е тоа што за DSL е потребна активна телефонска линија, а за кабловски интернет активна кабловска линија (обично доаѓа со кабловска телевизија, за што се плаќа посебно). Сите провајдери нуадт интернет скоро во сите населени места, но мој предлог е да порачате DSL доколку живеете поблиску до центарот на главните градови (downtown), а кабловски доколку сте подалеку.

Пакетите се разликуваат меѓу себе во цената и брзината што ја добивате. Цените се движат од околу $20.00 до $50.00 месечно (а брзината од 256 Kbps до 5 Mbps).

Потребно е околу 2-3 (јас би рекол 4-5) работни дена од кога ќе порачате интернет додека се да проработи, а тука не е вклучено времето за активирање на телефонската или кабловската линија.

Кога ќе проработи брзиот интернет, може да купите рутер и да ги поврзете сите компјутери да ја делат интернет врската.

Компјутер

Купувањето на компјутер е уште еден проблем за многу новодојденци. Тие што се разбираат повеќе во компјутери ќе сакаат да си направат свој компјутер за своите потреби, додека пак оние другите ќе сакаат компјутер да може да читаат весник, да праќаат емаил и да комуницираат со пријателите.

Доколку сте во првата категорија, од тие што се разбираат повеќе, веројатно знаете што сакате да има во вашиот компјутер. За да ги купите овие делови веројатно ќе сакате да ја посетите областа околу College и Spadina. Тука има многу мали дуќанчиња за компјутерска опрема, па се наоѓаат добри, а евтини делови. Вака ќе лесно заштедите најмалку 30% од што би платиле за еден brand name компјутер со доста полоши перформанси. Како и да е, трикот е во тоа што на овој начин добивате многу ограничена гаранција, ако воопшто ја добиете.

Доколку пак не ве интересира колку е брз компјутерот доколку нема проблеми во секојдневната работа, веројатно за Вас е поголема продавница, или пак ланец продавници кои се специјализирани за техника. Деновиве може да се најде компјутер од околу $600.00 до преку $3000.00, а мониторите се од околу $150.00 па преку $1000.00. Сите овие компјутери се добри за „сурфање“ на интернет, праќање емаил и куцање документи, но доколку имате деца кои сакаат да ги играат најновите игри, веројатно ќе ги разочарате со ваков компјутер. Доброто во ситуацијава е што колемите продавници имаат добра репутација и нивната гаранција значи нешто. Така, доколку компјутерот ви се расипе, ќе Ви биде поправен бесплатни или ќе биде заменет за нов, ист или подобар. Ваквите продавници имаат и сервиси во самата продавница, па доколку сакате да го надградите компјутерот, или доколку се расипе надвор од гаранцијата, ќе може брзо да биде среден. Исто така нудат и „продолжена гаранција“ (која не е евтина), која го покрива компјутерот 100% 2-3-4 години после фабричката гаранција. Вакви продавници се FutureShop и BestBuy.

Коментари