Насловна Мак. Центар Статут

Статут

 

Врз основа на Законот за здруженија на граѓани во Канада, Собранието на основачи на здружението „МАКЕДОНСКИ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНА И СОЦИЈАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА“ на ден 28-ми Ноември 2004, донесе:


С Т А Т У Т


на здружението


„МАКЕДОНСКИ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНА И СОЦИЈАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА“

 

  1. Статус и цел
  2. Активности
  3. Членство
  4. Управување и контрола
    1. Собрание
    2. Управен Одбор
    3. Надзорен Орган
    4. Комисии
  5. Финансиско работење и финансирање
  6. Застапување и претставување
  7. Завршна одредба

 


I - СТАТУС И ЦЕЛ

Член 1.

Здружението на граѓани - „МАКЕДОНСКИ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНА И СОЦИЈАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА“ (во понатамошниот текст – Здружение) е доброволно, хуманитарно, непрофитабилно, невладино и неполитичко здружение.

Член 2.

Основна цел на Здружението е: промовирање, афирмирање и унапредување на македонската заедница во Канада, како и интеграција на нејзините членови во канадското општество заради остварување на нивните потреби од културен и социјален аспект.

Член 3.

Целосното име на Здружението гласи: „МАКЕДОНСКИ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНА И СОЦИЈАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА“

Скратеното име на Здружението гласи: „МАКЕДОНСКИ ЦЕНТАР“

Член 4.

Седиштето на Здружението е на адреса:

76 OVERLEA BLVD.
TORONTO, ONTARIO
M4H 1C5
CANADA

Член 5.

Здружението има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со уставот и законите на Канада.

Член 6.

Активностите ан Здружението се извршуваат врз основа на сопствениот статут и програма за работење на истото и се во согласност со постоечките канадски законски регулативи за работа и дејствување на здруженија од ваков тип.

Член 7.

Здружението своите активности ќе го извршува на територијата на Канада и пошироко.

Член 8.

Работата на здружението е јавна.

Член 9.

Здружение може да членува како почесен или придружен член и во други асоцијации, со претходно одобрување од страна на Собранието на Здружението.

Член 10.

Здружение располага со свое оригинално име, лого, печат и банкова сметка.

II - АКТИВНОСТИ

Член 11.

Здружението своите активности ќе ги насочува во остварување на следните задачи:

 

  • подобрување на животниот стандард и брза интеграција на своите членови во канадскиот систем
  • афирмирање и негување на македонскиот јазик, култура и традиции
  • рганизирање на јавни настапи, приредби и други културни манифестации
  • развување на активности од хуманитарен карактер со кои се остваруваат хуманитарни цели на територијата на Канада и пошироко.
  • печатење и издавање на весници, списанија, книги и летоци потребни за промоции на целите на Здружението
  • соработување и заедничко делување со други организации со исти или слични цели
  • остварување на други цели и задачи кои ќе бидат дополнителни определени со периодичните планови за работа на Здружението

 

III - ЧЛЕНСТВО

Член 12.

Членови на Здружението можат да бидат сите Македонци кои живеат и работат во Канада и пошироко, како и сите останати кои го поддржуваат статутот и програмата на Здружението.

Член 13.

Членови на Здружението можат да бидат редовни и почесни.

Член 14.

Почесни членови можат да станат сите поединци, организации или здруженија кои идејно или материјално ќе помогнат во остварување на програмата и целите или на друг начин ќе го афирмираат Здружението, но се без право на глас при донесувањето на одлуки.

Член 15.

Зачленувањето се врши со пополнување на пристапница која при престанок или исклучување од членството во Здружението задолжително се враќа.

Член 16.

Приемот на нови членови го потврдува Управниот Одбор на Здружението, на предлог од Комисијата за прием и отповикување на членови на Здружението.

Член 17.

Членовите на Здружението ги имаат следните права и обврски:

 

  • доброволно да учествуваат во работата и делувањето на сите органи на Здружението;
  • рамноправно да избираат и да бидат избрано во органите на Здружението;
  • да покренуваат иницијатива и да даваат предлози за унапредување на Здружението;
  • да ги почитуваат статутот и програмата на Здружението;
  • одговорно да ги извршуваат своите обврски кон Здружението;
  • да го чуваат и унапредуваат угледот на Здружението и да учествуваат во сите други активности поврзани со остварувањето на целите и задачите на Здружението.

 

Член 18.

Членството во Здружението престанува:

 

  • со доброволно истапување на членот од Здружението;
  • со исклучување на членот од Здружението, заради непочитување на статутот и програмата на Здружението;
  • со исклучување на членот заради неплатена 3 (три) годишна членарина;
  • со исклучување на ќленот заради отстапување од пишани и непишани морални норми, со кои се нанесува било каква нематеријална или материјална штета и се нарушува угледот на Здружението;
  • во други случаи утврдени со правилникот за работа на Здружението.

 

IV - УПРАВУВАЊЕ И КОНТРОЛА

Член 19.

Здружението располага со следните органи за управување и контрола:

 

  • Собрание;
  • Управен Одбор;
  • Надзорен Одбор;
  • Комисии.

 

i - Собрание:

Член 20.

Највисок одлучувачки орган на Здружението е неговото Собрание.

Член 21.

Собранието го сочинуваат сите редовни членови на Здружението.

Член 22.

Во надлежност на Собранието спаѓаат следните активности:

 

  • одлучување за формирање и престанок на Здружението;
  • донесување статут и програма на Здружението, како и изгласување за нивна промена и надополнување;
  • избирање органи на Здружението и нивни членови;
  • одлучување за исносот на годишната членарина;
  • одлучување, усвојување и верификување на извештаи и предлози од органите на Здружението;
  • други прашања од значење за работата и развојот на Здружението.

 

Член 23.

Собранието избира претседател и потпретседател на Собранието, со мандат од 2 (две) години.

Член 24.

Собранието работи на седници кои можат да бидат: редовни и вонредни. Седниците на Собранието можат да бидат одржувани на било која адреса во провинцијата Онтарио – Канада.

Член 25.

Редовните седници на Собранието ги свикува и со нив раководи претседателот на Собранието (или во негово отсуство, потпретседателот) најмалку 1 (еднаш) годишно, а по потреба повеќе пати.

Член 26.

Вонредна седница на Собранието може да биде свикана по иницијатива на:

 

  • претседателот на Собранието (или во него отсуство, потпретседателот);
  • најмалку 30 (триесет) % ор редовните членови на Собранието на Здружението;
  • најмалку половина од членовите на Управниот Одбор;
  • Надзорниот Орган.

 

Член 27.

Свикувачот на седниците на Собранието (редовни или вонредни) треба да достави уредна покана (со датум, локација, дневен ред за работа) до сите членови на Собранието најмалку 2 (две) недели пред свикување на истото.

Член 28.

Одлуките на Собранието се полноважни доколку на седниците од истото се присутни најмалку 30 (триесет) % од неговите редовни членови.

Член 29.

Во случај да не е исполнет условот од член 28, седницата се одлужува.

Член 30.

Доколку при повторно закажување на седницата не е исполнет условот од член 28, (а се запазени сите регулативи од член 27), се чека еден час, по што Собранието полноважно одлучува со присутното членство и за своите ставови и одлуки ги информира останатите членови.

Член 31.

Собранието одлукуте ги донесува со просто мнозинство на гласови од присутните членови. Секој член на Собранието има право на еден глас.

ii -Управен Одбор

Член 32.

Собранието избира Управен Одбор составен од 11 (единаесет) редовни членови на Здружението, со мандат од 2 (две) години.

Член 33.

Управниот Одбор претставува највисок раководен орган на Здружението.

Член 34.

Претседателот и потпретседателот на Собранието не можат истовремено да бидат и членови на Управниот Одбор.

Член 35.

Во надлежност на Управниот Одбор спаѓаат следните активности и обврски:

 

  • ги спроведува насоките и заклучоците од Собранието;
  • раководи со Здружението;
  • ја организира целокупната стручна и техничка работа и при тоа одлучува по сите прашања околу реализацијата на дејностите/активностите на Здружението и другите настани;
  • управува и одговара за управувањето со имотот на Здружението;
  • изготвува годишен план и буџет на Здружението;
  • подготвува годишен и периодичен извештај за својата работа;
  • извршува и други работи во согласност со правилникот за работа и законот.

 

Член 36.

Членовите на Управниот Одбор, од своите редови избираат претседател, подпретседател и секретар, со мандат од 2 (две) години.

Член 37.

Претседателот, подпретседателот и секретарот на Управниот Одбор се носители на највисоките извршни функции, овластени потписници и легитимни претставници на Здружението.

Член 38.

Управниот Одбор работи на седници, кои можат да бидат редовни и вонредни. Седниците на Управниот Одбор можат да бидат одржувани на било која адреса во провинцијата Онтарио – Канада.

Член 39.

Редовните седници на Управниот Одбор ги свикува претседателот на Управниот Одбор (или во негово отсуство, потпретседателот), најмалку 1 (еднаш) месечно, а по потреба и повеќе пати.

Член 40.

Вонредна седница на Управниот Одбор може да биде свикана по иницијатива на:

 

  • претседателот на Управниот Одбор (или во негово отсуство, потпретседателот);
  • најмалку половина од членовите на Управниот Одбор;
  • Надзорниот Орган.

 

Член 41.

Свикувачот на седниците на Управниот Одбор (редовни или вонредни) треба да достави уредна покана (со датум, локација и дневен ред за работа) до сите членови на Управниот Одбор, најмалку 1 (една) недела пред свикувањето на истото.

Член 42.

Одлуките на Управниот Одбор се полноважни доколку на седниците од истиот се присутни најмалку 6 (шест) негови редовни членови.

Член 43.

Во случај да не е исполнет условот од член 42, седницата се одлага.

Член 44.

Доколку при континуирани закажување на седниците (редовни или вонредни) во период од 3 (три) емсеци не е исполнет условот од член 42, а се запазени сите регулативи од член 41, Надзорниот Одбор свикува вонредна седница на Собранието, со цел преиспитување на работата на Управниот Одбор.

Член 45.

Управниот Одбор одлуките ги донесува со просто мнозинство на гласови од присутните членови. Секој член на Управниот Одбор има право на еден глас.

Член 46.

Собранието на Здружението може да изгласа недоверба на Управниот Одбор и да го разреши истиот на својата редовна или вонредна седница.

Член 47.

Разрешувањето на Управниот Одбор или на пооделните негови членови од страна на Собранието можед а настане во случај на:

 

  • непочитување и неспроведување на однапред утврдената програма од страна на Собранието, зацртана со определени рокови, дејства и активности;
  • работење спротивни или не во согласност со статутот на Здружението или уставот и законите на Канада;
  • отстапување од пишаните и непишаните морални норми со кои се нанесува било аква нематеријална или материјална штета и се нарушува угледот на Здружението.

 

Член 48.

При разрешување на Управниот Одбор, Собранието наименува Привремен Управен Одбор кој ќе управува и ќе го застапува Здружението до наредната седница кога ќе се избере новиот.

Член 49.

Претседателот на Собранието (или во негово отсуство, потпретседателот), во случај наведен со член 48, е должен да свика вонредна седница на Собранието на Здружението, најдоцна за 2 (два) месеца од разрешувањето на стариот Управен Одбор, со единствена цел – избор на нов Управен Одбор.

iii - Надзорен Орган

Член 50.

Собранието избира Надзорен Орган со цел следење на финансиската работа на Здружението како и на работата на Управниот Одбор.

Член 51.

Надзорниот Орган е составен од 5 (пет) члена, со мандат од 2 (две) години.

Член 52.

Членовите на Надзорниот Орган не може во исто време да бидат и членови на Управниот Одбор.

Член 53.

Надзорниот Орган е должен да достави годишен извештај за работа на Управниот Одбор до Собранието.

Член 54.

Надзорниот Орган донесувањето на одлуката за иницирање на вонредните седници на Собранието и Управниот Одбор ги донесува со просто мнозинство на гласови од вкупните свои членови. Секој член на Надзорниот Орган има право на еден глас.

iv - Комисии

Член 55.

Собранието на Здружението своите активности ги реализира преку следните комисии:

 

  • за прием и отповикување на членови;
  • за помош на новодојдени во Канада;
  • за култура, јазик и образование;
  • за забава, спорт и рекреација;
  • за информирање и соработка;
  • за техничка поддршка на својата веб страна.

 

Член 56.

Бројот и видот на комисии може да биде накнадно прошируван и менуван, во зависност од програмата за работа на Здружението.

Член 57.

Собранието избира по најмалку 3 (три) члена како координатори за работа со комисиите, со мандат од 2 (две) години. Покрај координаторите, во комисиите можат да учествуваат неограничен број на членови од Здружението.

Член 58.

Координаторите на комисии треба квартално, полугодишно и годишно до Управниот Одбор да достават на увид и одобрение извештаи за своите планирани и реализирани активнисто, како и да изготват завршен годишен извештај за својата работа до Собранието на Здружението.

V - ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ И ФИНАНСИРАЊЕ

Член 59.

Финансиското работење на Здружението се темели врз Законот за финансиско работење во Канада, а се регулира со соодветни акти што ги донесува Управниот Одбор на Здружението.

Член 60.

Управниот Одбор е дожен еднаш годишно да подготви и достави до Собранието финансиски план и годишен буџет за работа на Здружението, како и завршен финансиски извештај на увид по истекот на календарската година.

Член 61.

Основното финансирање на Здружението ќе се организира преку годишно прибирање на членарина од членовите на Здружението.

Член 62.

Висината на износот на годишната членарина ќе биде предлагана од страна на Управниот Одбор, а одобрувана од Собранието на Здружението.

Член 63.

Здружението дополнителни би се финансирало со прилози од своите членови, донации и други активности во согласност со законот.

Член 64.

Средствата на Здружението можат да се користат само врз основа на финансиските планови усвоени со неговите програми на планирани активности.

Член 65.

Управниот Одбор именува благајник и сметководител на Здружението, со мандат од 2 (две) години.

Член 66.

Благајникот и сметководителот не смеат во исто време да се и членови на Управниот Одбор.

Член 67.

Надмирувањето на финансиските долгови го одобрува Управниот Одбор. Валидноста на исплатените банкарски чекови се потврдува со двојно потпишување на истите од страна на претседателот на Управниот Одбор и благајникот на Здружението.

Член 68.

Сметководителот на Здружението е должен да доставува на увид месечни и годишни финансиски извештаи до Управниот Одбор.

VI - ЗАСТАПУВАЊЕ И ПРЕТСТАВУВАЊЕ

Член 69.

Здружението го застапува и претставува претседателот (или во негово отсуство потпретседателот) на Управниот Одбор на Здружението, неограничено, во согласност со правата и обврските на овој статут и важечките канадски законски регулативи.

VII - ЗАВРШНА ОДРЕДБА

Член 70.

Изготвувањето и промените на статутот и програмата на Здружението ги предлага Управниот Одбор, а ги верификува Собранието.

Член 71.

Овој статут стапува во сила на денот усвојување од страна на Собранието на Здружението.

 

Торонто, 28-ми Ноември, 2004

 

Коментари